Порцеланскиот сервис за чај „Орбис“, авторски проект на дизајнерот Филип Фидановски, ќе биде промовиран во петок, 27 ноември 2026 година, во 19:00 часот, во Културно информативниот центар – Скопје (КИЦ). Промотор ќе биде проф. д-р Емилија Фиданевски од Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На промоцијата ќе биде претставен и каталогот на проектот, а сервисот ќе биде изложен пред публиката.
„Орбис“ е уникатен авторски проект кој ги обединува уметноста, индустрискиот дизајн, архитектурата и технологијата на порцеланот. Тој има посебно значење за македонската применета уметност. Ова е нов почеток во создавањето домашни порцелански производи, повеќе од две децении откако во 2003 година згасна фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ – „Порцеланка“ во Велес.
Инспириран од „Македониум“
Инспирацијата за дизајнот произлегува од споменикот „Илинден“, познат како „Македониум“, во Крушево. Тоа е едно од најпрепознатливите остварувања на македонската модерна архитектура, дело на авторите Јордан Грабулоски и Искра Грабул. Неговите сферични волумени и карактеристични геометриски форми се преточени во современи употребни предмети. Така архитектонската монументалност добива нова димензија во интимниот ритуал на пиењето чај.
Името „Орбис“ доаѓа од латинскиот збор orbis, што значи круг, свет, целина. Тоа ја симболизира врската меѓу минатото и сегашноста, меѓу архитектонското и културното наследство и современиот дизајн.
Сервис за шест лица
Сервисот е наменет за шест лица и има четири основни елементи: чајник, шолја, чинивче и шеќерница. Обликувањето се темели на рамнотежа меѓу естетиката, функционалноста и ергономијата. Белата сјајна глазура ја нагласува чистотата на формите, а прецизната изработка ја покажува сложеноста на порцеланот како материјал.
„‚Орбис‘ не е само порцелански сервис за чај. Тој е симбол на нов почеток на македонскиот порцелан, продолжување на традицијата таму каде што таа беше прекината во 2003 година“, вели авторот Филип Фидановски.
Реализација и поддршка
Моделите и калапите за производство ги изработија Срѓан и Тања Ристиќ од Зајачар, Србија. Техничките цртежи и металните шаблони се изработени во дизајн студиото на Завар компании – Скопје, од архитектот Виолета Цветановска.












