Кинеската вселенска мисија „Шенжу-24“ успешно беше лансирана утрово. Во тричлениот екипаж се наоѓа и еден државјанин на Пакистан, кој ќе стане првиот странски астронаут на кинеската вселенска станица „Тјангонг“.
Леталото беше лансирано со ракета Long March-2F во 8:18 часот по пекиншко време (1:18 часот по средноевропско време) од Центарот за лансирање сателити „Џиучуан“ во северозападна Кина.
Мухамед Зишан Али , 40-годишен пилот кој ќе стане првиот Пакистанец во орбитата, учествува во мисијата како специјалист за товар. Се очекува тој да престојува на станицата меѓу пет и десет дена, при што ќе спроведува научни експерименти. Заедно со него, во екипажот се и кинескиот командант Танг Хонгбо и инженерката на летот Ву Ји.
„Не летам за себе“
Кина ја промовира станицата „Тјангонг“ како центар за меѓународна соработка, во време кога Меѓународната вселенска станица, предводена од НАСА, се соочува со можно повлекување од употреба до 2030 година.
За да се подготви за летот, Али помина низ седуммесечна обука во Пекинг. Во тој период, тој посетуваше интензивни курсеви по кинески јазик, учеше кинески песни и читаше кинеска поезија. Исто така, вежбаше калиграфија и играше пинг-понг.
„Не летам за себе. На своите плеќи го носам името на Пакистан“, изјави вчера Али за новинарите.








