Левица жестоко реагира на најавите од ДПМНЕ за враќање на неделата како работен ден, истакнувајќи ја експлоатацијата на македонските работници и алармантниот пораст на смртни случаи при работа, додека ги критикува политичките политики кои го загрозуваат достоинството и правата на работниците.
„Десничарската власт на ДПМНЕ повторно демонстрира колку малку вреди животот на македонскиот работник во нивната политичка и идеолошка матрица. Во синоќешното гостување на телевизија Сител, заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, ја отвори можноста за враќање на неделата како работен ден, повикувајќи се на барањата на стопанските комори. По сѐ, изгледа дека називот „Министерство за економија и труд“, економијата е резервирана за олигарсите, а трудот за министерските напори да им се удоволи на нивните апетити“, реагираат од Левица.
Според оваа партија, во Македонија, во која минималната плата е одвај 26.000 денари, а синдикалната кошничка надмина 70.000 денари, ДПМНЕ, како што велат,има генијално решение за сиромаштијата – работникот да работи уште повеќе.
„Наместо да му обезбедат плата од која ќе може достоинствено да живее, тие неговата материјална беда ја користат како аргумент за дополнителна експлоатација. За политичките подлизурковци на стопанската елита предводена од Азески, принудата на работникот да го жртвува и последниот ден за одмор за да го прехрани семејството се нарекува „слобода на избор“. Колку профит уште им недостига на македонските олигарси, па им пречи и еден ден од животот на работникот да не им биде ставен на располагање“.
Од оваа партија нагласуваат дека само во 2025 година во Македонија се евидентирани 132 случаи на повреди при работа, од кои 31 со смртен исход наспроти 17 загинати работници во 2024 година – алармантен пораст на смртните случаи при работа од над 82% за само една година.
„Во држава во која работници гинат на градилишта, работат во нечовечки услови, трпат мобинг, понижувања, неплатени прекувремени часови, а некои добиваат дури и цепаници наместо К-15, Министерството за труд се занимава со тоа како дополнително да им го продолжи работното време! Наместо да се преиспита зошто македонскиот работник не се враќа жив од работното место, се преиспитува зошто воопшто има право во недела да остане дома!
Лицемерието на десничарите од ДПМНЕ е одвратно кога станува збор за нивното декларативно застапување на семејните вредности. Полни им се устите со семејство, традиција и демографска обнова, а во пракса на работничките семејства им го одземаат и времето да седнат на заедничка трпеза. Нивниот фамозен патриотизам завршува онаму каде што почнува интересот на олигархијата“.
Левица, нагласуваат од таму, категорично се спротивставува на секој обид за дерогирање на стекнатите работнички права. Оценуваат дека во време кога современите општества дискутираат за скратување на работната недела и време, македонската десница се обидува да го врати работникот во 19 век.












