Поранешен пријател на главниот осомничен за исчезнувањето на Медлин Мекен тврди дека тој му признал дека ја киднапирал девојчето. Ова признание е изнесено во германски документарен филм, а последиците од случајот остануваат предмет на голема меѓународна истрага.
Поранешен пријател на Кристијан Брикнер, главниот осомничен за исчезнувањето на Медлин Мекен, тврди дека тој му признал дека го киднапирал девојчето. Хелге Бушинг ги изнесе овие тврдења во нов документарен филм на германската телевизија „Билд ТВ“.
Бушинг (52) раскажал дека наводното признание се случило на фестивал во Шпанија во 2007 година, кратко по исчезнувањето на девојчето. Двајцата во тоа време биле пријатели.
„Тогаш се пошегував и го прашав: Да не си ја киднапирал ти малата од Португалија?“, раскажал Бушинг.
Според неговите зборови, Брикнер му одговорил: „Да, јас ја киднапирав“.
Бушинг тврди дека уште во 2017 година ја известил полицијата, но дека тогаш не го сфатиле сериозно. Тој вели дека со повторното јавно изнесување на информациите сака да му помогне на семејството да добие одговори.
„Не барам никаква награда. Го правам ова за девојчето“, изјавил тој.
Брикнер, кој во 2020 година беше посочен како главен осомничен за исчезнувањето на Медлин, преку својот адвокат постојано негира каква било вмешаност во случајот.
Медлин Мекен имала три години кога исчезнала на 3 мај 2007 година од апартман во португалското летувалиште Праја да Луз, каде што престојувала со своето семејство.
Нејзиното исчезнување предизвика голема меѓународна потрага. Во 2020 година германското обвинителство соопшти дека верува оти девојчето е мртво, но доказите врз кои се темели ова тврдење не беа јавно објавени.
И покрај бројните полициски претреси и речиси две децении истрага, судбината на Медлин останува непозната. Таа денес би имала 23 години.








