Специјалците спасија тешко повреден алпинист од непристапен терен кај Демир Капија

Макфакс

22/11/2026

10:53

152

Големина на фонт

а а а

Припадници на Баталјонот на специјални сили на Армијата спасија тешко повреден алпинист од непристапен терен во реонот на Демир Капија. Спасувачката акција била успешна, благодарение на професионалноста и обученоста на специјалците, кои им укажаа прва помош и го пренесоа повредениот до медицински тимови.

Припадници на Баталјонот на специјални сили на Армијата успешно спровеле спасувачка акција за извлекување на тешко повреден алпинист од стрмен и непристапен терен во реонот на Демир Капија.

Несреќата се случила за време на качување по карпи, кога алпинистот паднал на исклучително стрмен терен и се здобил со тешки телесни повреди, информираат од Генералштабот на Армијата.

Припадниците на специјалните сили во тој момент изведувале редовна напредна обука за планински операции, кога биле алармирани за несреќата што се случила во непосредна близина.

„Веднаш по добивањето на информацијата, припадниците на специјалните сили пристапиле кон организирање и спроведување на спасувачката акција. На повреденото лице му била укажана прва медицинска помош на местото на несреќата, по што, со употреба на специјализирана алпинистичка и спасувачка опрема, било извршено безбедно извлекување од непристапниот терен и транспорт преку реката“, соопштија од Генералштабот.

По извлекувањето до пристапна точка, повредениот алпинист бил предаден на екипите на Итната медицинска помош за понатамошно згрижување и лекување.

Од Генералштабот оценуваат дека интервенцијата ја потврдува обученоста, професионалноста и подготвеноста на припадниците на Баталјонот на специјални сили за дејствување во сложени и ризични услови, како и нивната подготвеност да се ангажираат во ситуации во кои се загрозени човечки животи.