Општина Кисела Вода и „Нула Отпад“ со проектот „Мал еко херој“ во градинките

Макфакс

20/11/2026

11:40

89

Големина на фонт

а а а

Општина Кисела Вода и „Нула Отпад“ реализираат едукативен проект „Мал еко херој“ во градинките, каде децата преку игри и интерактивни активности учат за значењето на рециклирањето и правилно постапување со електронскиот отпад и батериите.

Преку интерактивни активности прилагодени на нивната возраст, дечињата од градинката „Пеперутка 3“ од Драчево, денес станаа вистински мали еко херои. Заедно со тимот на „Нула Отпад“ и нивниот главен лик, роботчето Нула, тие преку анимирани приказни, песни и едукативни игри учеа зошто старите батерии и расипаните електронски уреди не смеат да завршат во обичните канти за смет и како со рециклирање се штитат водата, почвата и природата, извести Општина Кисела Вода.

Најмладите имаа можност практично да покажат колку научиле преку игрите за селекција на отпад, положија свечена еко-заклетва дека ќе ја чуваат околината, а на крајот секое дете доби диплома „Мал еко херој“, додека градинката се стекна со признанието „Градинка-пријател на природата“, велат од Општината.

„Големо задоволство е да се видат најмладите како со толку ентузијазам, преку игра и дружење, ги учат првите и најважни лекции за заштита на животната средина. Кампањата „Мал еко херој“ на „Нула Отпад“, која се реализира во градинките низ Кисела Вода, е одличен начин кај децата уште од мали нозе да развиеме свест за значењето на рециклирањето и правилното постапување со електронскиот отпад и батериите. Како локална самоуправа, во Општина Кисела Вода, постојано работиме на подигнување на еколошката свест кај сите генерации и создаваме услови граѓаните полесно да селектираат“, кажа градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

„Во таа насока, токму пред оваа, но и пред сите останати детски градинки и основни училишта на територијата на општината, како и пред месните заедници, веќе имаме поставено специјални контејнери за текстилен отпад. Особено ме радува што граѓаните ја препознаа оваа иницијатива и активно се вклучија, па за само една година од сите локации во општината се собрани над 10 тони текстилен отпад. Продолжуваме со вакви проекти, бидејќи чистата животна средина е наша заедничка одговорност“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.