Левица: Имаме информации дека судијка која е тетка на насилникот Корабоски, се обидела да влијае врз доказите

Макфакс

20/11/2026

11:10

179

Големина на фонт

а а а

Партијата Левица бара истрага за влијание врз доказите во случајот со насилникот Корабоски, посочувајќи на вмешаност на судијка која е семејна сродница на обвинетиот. Поставуваат прашања за можни интервенции во болница и привилегирано сместување, при што повикуваат на објективно расветлување на случајот и проверка на институционалните и политичките влијанија.

Дали Обвинителството ќе ја прошири истрагата кон судијката-тетка на насилникот Корабоски, Гордана Билеска, за која се сведочи дека се обидела да влијае врз доказите, прашуваат од партијата Левица.

„Дали зад случајот со бруталното насилство врз Сара од Охрид се открива уште еден обид правдата да се претвори во приватна семејна работа, во која институциите ќе служат како сервис на оние што располагаат со влијание, функции и познанства? Додека јавноста со згрозеност ги следи сведоштвата за насилството и сомнежите за институционално прикривање, до Левица пристигнуваат нови информации за улогата на судијката Гордана Билеска во случајот со насилникот Корабоски“, велат од партијата.

Според информациите кои биле доставени до Левица, Гордана Билеска, судија во Основниот граѓански суд Скопје и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители, е сестра на Гоце Корабоски, односно тетка на обвинетиот Кристијан Корабоски.

„Токму затоа бараме итно да се утврди дали токму Билеска е тетката спомената во потресното сведоштво на мајката на Сара, во кое се изнесуваат обвинувања за интервенции во болницата со цел да се влијае врз медицинските докази. Дополнително, според информациите коишто пристигнуваат до Левица, Билеска наводно интервенирала за обезбедување привилегирано, ВИП-сместување за Корабоски во притворските капацитети во Шутка. Прашуваме дали навистина постои ваков обид? Односно, дали се употребува авторитетот на судиската функција“, прашуваат од Левица.

Партијата бара од Судскиот совет да не остане нем набљудувач на сериозните сомнежи што се однесуваат на носител на судиска функција, туку во рамките на своите законски надлежности да обезбеди проверка на релевантните факти и да постапи за судиска одговорност.

Истовремено, велат од Левица, Обвинителството мора да утврди дали постоеле обиди за влијание врз медицинските лица и документацијата.

„Бараме истрага што нема да застане пред судиска титула, семејна врска, влијателно познанство и врски со ДПМНЕ. И конечно, дали надлежните ќе испитаат дали зад интервенциите постоела и политичка поддршка? Во случај во кој веќе е констатирана блискост на семејството Корабоски со луѓе од владејачката ДПМНЕ, потребно е да се утврди партиското влијание во целиот случај“, велат од Левица.