Во Министерството за земјоделство се одржа координативен состанок со претставници на надлежните институции и Општина Крива Паланка за решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот во општината, со цел заштита на безбедноста, здравјето и имотот на граѓаните.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска се одржа координативен состанок со претставници на надлежните институции и Општина Крива Паланка, посветен на усогласување на заедничките чекори за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот на територијата на општината.
На состанокот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Јовица Андовски, директорката на Агенцијата за управување со одземен имот, Ирена Илиевска, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, претставници на Министерството за внатрешни работи и национален координатор од Владата.
Од Општина Крива Паланка присуствуваа градоначалникот Сашко Митовски, командантот на Општинскиот кризен штаб, како и претседателот на Советот на Општината, Миле Трајковски.
„Разговорите беа насочени кон координација на надлежните институции и усогласување на натамошното постапување, заради заштита на безбедноста, здравјето и имотот на граѓаните. Разговорите и координацијата продолжуваат и во текот на утрешниот ден, со цел усогласување на заеднички став и утврдување на следните активности. За исходот од разговорите и договорените чекори, граѓаните и јавноста ќе бидат навремено информирани“, соопштија од Општина Крива Паланка.








