Планираната вежба ќе се одржи од 22 часот до 2 часот по полноќ во подрачјето на Американското меѓународно училиште. Полицијата нагласува дека нема да се користи боева муниција.
Заедничка вежба на хрватските полициски и воени сили и припадници на американските специјални сили ќе се одржи вечерва во Загреб, соопшти загрепската полиција.
Активностите се планирани од 22 часот на 19 ноември до 2 часот на 20 ноември, на просторот на Американското меѓународно училиште и во непосредната околина.

Во подрачјето на Бундек и Средишќе повремено може да се слушнат звуци налик на истрели и да се забележи поголемо присуство на полициски и воени возила и службеници.
Во официјалното известување се нагласува дека ќе се користи исклучиво маневарска и симулациска муниција. Полицијата наведува дека се предвидени соодветни безбедносни мерки.
Вежбата е дел од редовните заеднички активности за подобра координација, оперативна подготвеност и соработка. Граѓаните се замолени да не се вознемируваат поради најавените активности.








