Новата регулатива треба да го олесни признавањето на заштитните мерки и застапувањето во друга членка, при лекување, преселба или управување со имот.
Возрасните на кои им е потребна помош при донесување одлуки ќе добијат појасна заштита при престој или преселба во друга членка на ЕУ, според регулативата што Советот на Унијата ја усвои денеска, 19 ноември.
Правилата се однесуваат на прекугранични ситуации поврзани со медицинска грижа, управување со имот и преселување. Целта е да се зачуваат автономијата и слободата на избор на лицето на кое му е потребна поддршка.

Мерките за заштита донесени во една членка ќе се признаваат автоматски во друга, со ограничени исклучоци. Се воведува и заедничка европска потврда за поддршка и застапување, со која полесно ќе се докажува овластувањето на претставникот.
Како што соопшти Советот на ЕУ, новите правила не ги опфаќаат бракот, наследувањето и обврските за издржување.
Усвојувањето е последниот чекор во законодавната постапка. Регулативата ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник, а за најголемиот дел од мерките е предвидена одложена примена од 30 месеци.








