Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, јавно обвини за притисоци од урбана мафија кои се обидуваат да ги бетонираат зелените површини и нагласи дека нема да дозволи да се претстави тоа како меѓуетничка борба. Тој изјави дека ќе се бори против криминалот и дека ги третира сите етнички заедници еднакво, додека општината работи на ревизија на урбанистичките планови за да ги заштити зелените површини.
Поради се позасилени притисоци за бетонизација на Бутел, градоначалникот, Дарко Костовски, утрово им се обрати на граѓаните со апел да бидат спокојни оти нема да дозволи на секое зелено ќоше да никнат згради. На оние, пак, што притискаат да се гради и се обидуваат тој притисок да го претстават како меѓуетничка борба, јавно им кажа дека нема да отстапи.
„Не може Општината да биде партнер со криминалци, со бандити. Имаше една таква жална епизода, таа е поминатa. И во таа смисла, еве еден мој јавен апел: колку овие бандити, оваа урбана мафија и да се крие зад политички партии и каков притисок и да прави, додека сум јас градоначалник на Општина Бутел, простор за криминалци, бандити и сите оние коишто им мислат лошо на Општина Бутел нема“, вели во видео-обраќање до граѓаните градоначалникот Костовски.
Уверува дека еднакво ги третира сите етнички заедници на територијата на Бутел, а за тоа вели дека се доказ завршените проекти во етнички мешаните средини и гласовите кои ги довива токму од тие места.
Засега Костовски вели дека нема конкретна закана, туку се е сведено на своевиден притисок, па пријава во полиција нема.
„Притисоците ја прелеаја чашата па затоа решив преку кусо видео да ги известам граѓаните за случувањата. Конкретна закана немам и затоа овој пат не сум пријавил во полиција. Доколку добијам закана секако ќе ја пријавам, исто како и досега, сите мои пријави се веќе обработени. Сега урбаната мафија се обидува криминалниот притисок за градење да го претвори во политички притисок во Советот. Притискаат да се вметнат маркички за градење за да бидат ‘мирни’ во Советот. Не се работи за една маркичка туку за многу и насекаде низ општината. Граѓаните го гледаат тоа и можат да бидат спокојни, нема да дозволам згради да никнат насекаде“, вели градоначалникот Костовски за „Макфакс“
Општината работи на неколку детални урбанистички планови и има неколку локации на кои веќе предвидените згради, ќе ги избрише. Костовски вели дека резултатот граѓаните ќе го видат напроолет.












