Извештајот на организацијата „Save the Children“ открива дека речиси едно од четири деца во светот живее во конфликтна зона, со зголемен број на деца погодени од војна особено во Африка и на Блискиот Исток. Во 2025 година се регистрирани голем број жртви и искористувања на деца во конфликтите.
Според извештајот објавен од организацијата „Save the Children“, речиси едно од секои четири деца во светот живее во област погодена од војна или конфликт – што претставува најголем број досега забележан. Во извештајот, насловен „Запрете ја војната против децата“, се наведува дека во 2025 година, приближно 589 милиони деца живееле во конфликтни зони, пренесува германската новинска агенција dpa.
Дури 44 отсто од децата што живеат во конфликтни зони се наоѓаат во Африка. Уделот на африкански деца кои живеат во такви области е повеќе од тројно зголемен во периодот помеѓу 2010 и 2025 година. Бројот на погодени деца, исто така, нагло порасна на Блискиот Исток, особено во Палестина, Либан и Јемен – зголемувајќи се од приближно 52 милиони во 2024 година на 67 милиони во 2025 година.
Повеќе од 14.000 деца се убиени или ранети
Според извештајот, во текот на изминатата година, 14.224 деца биле убиени или ранети во конфликти. Станува збор само за потврдени случаи, што значи дека реалниот број на жртви е поголем. Дополнително, потврдени се 6.576 случаи на регрутирање малолетници и искористување на деца во конфликти.
Најголем број вакви случаи е забележан во Демократска Република Конго, каде што се вклучени 1.397 деца. По неа следуваат Нигерија, Хаити и Сомалија. Организацијата „Save the Children“ е основана во 1919 година од страна на англиската хуманитарка Еглантајн Џеб, откако таа била сведок на страдањето на децата за време на Првата светска војна.








