Синот на Ријана и АСАП Роки блесна на својата прва насловна страница на списание.
Тригодишниот Рајот Роуз, син на пејачката и раперот (38), го имаше своето манекенско деби со дури шест различни насловни страници на списанието „Arena Homme+“. На една од нив може да се види неговата мајка, Ријана, во црвен комбинезон од модната куќа „Loewe“, истиот што го носеше при откривањето на бременоста за време на Супербоул во 2023 година. Таа го држи за рака својот син, кој е облечен во целосно црна комбинација со свечени чевли, пренесува „People“.
Ријана ги објави сите шест насловни страници на списанието „Arena Homme+“ на својот профил на Инстаграм, славејќи го првиот ангажман на својот син.
Роки уште во септември првпат навести дека неговиот син ќе има манекенски ангажман, за време на интервју за порталот „The Cut“.
„Еден од моите синови има манекенски ангажман за околу три дена, знаете, еден ден пред мојот роденден, и тоа е нешто на што сум навистина горд“, изјави гордиот татко за медиумот.
„Ова е неговата прва насловна страница на списание, па мислам дека е навистина фасцинантно да се гледа како овие малечки личности растат и стануваат свои луѓе“.
„Неверојатно е кога ќе погледнам наназад и ќе се сетам на времето кога беа толку мали и ситни“, продолжи Роки. „Мислам, сè уште се релативно мали, но знаете, веќе почнуваат да се заземаат за себе, имаат сопствен стил и став. Навистина е лудо“.
Раперот неодамна се присети и на моментот кога го изведе својот најмлад син на сцената за време на настапот во Копенхаген, Данска. За тоа зборуваше во ново интервју за списанието „Rolling Stone“, објавено на 16 октомври.
„Тој е вистинска душа, човече. Тоа е моето момче. Тој е мал Спајдермен“, рече Роки за Рајот.
За време на концертот на раперот на 18 септември во салата „Royal Arena“ во Копенхаген, во рамките на неговата светска турнеја „Don’t Be Dumb World Tour“, на сцената му се придружија Ријана (38) и нивниот втор син.
На снимките што ги направиле обожавателите се гледа како АСАП Роки му ја посветува песната на „мојот син и моето семејство“, додека во едната рака го држи Рајот, а во другата мегафон. Во неколку моменти се обидува да го поттикне малечкото да рапува заедно со него, по што камерата се насочува кон Ријана, која воодушевено ја пее песната додека го држи синот.
„Тој е многу подготвен за сите овие работи“, изјави АСАП Роки. „Тој е најголемиот екстроверт меѓу сите свои браќа и сестри. Мислам дека има и најсилна личност“.

Раперот продолжи: „Што се однесува до него, едноставно е многу љубопитен. Ме прашува дали пеам. Го прашува и АСАП Твелви дали и тој се занимава со музика“.
Гордиот татко истакна и дека со нетрпение го очекува моментот кога неговите деца целосно ќе ја сфатат светската слава на нивната мајка.
„Навистина беше прекрасно што го имав таму на сцената, но најсмешното нешто што ми поминува низ главата е тоа што сега е моето време да ги полнам арените, знаете, по осумгодишна пауза. Се вратив. Ова е првпат да го гледаат својот татко на сцената. Но, јас си велам, само почекајте да ја видат мајка си, да сфатат која е всушност нивната мајка. Тоа ќе биде вистинско шоу“, изјави тој.
Роки, чие вистинско име е Раким Ателстон Мајерс, и Ријана имаат уште еден син, Рза (4), и ќерката Роки (1).











