Јована Тренчевска од СДСМ повика на итна седница на Комисијата за еднакви можности со присуство на министерот Тошковски и обвинителот Савески за решавање и донесување на измени за заштита од насилство врз жените. Таа истакна дека институциите мора да сносат одговорност за пропустите во случајот со насилството врз Сара од Охрид, како и дека случајот открива политички влијанија и неефикасност во заштитата на жртвите.
Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната прес – конференција повика да се одржи итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и јавниот обвинител Ненад Савески.
Тренчевска, побара и итно ставање на дневен ред на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените, кои стојат во фиока од август.
„Како пратеничка група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалиционите партнери бараме итно донесување на заклучоците од надзорната расправа кои ќе овозможуваат функционалност на системот, не со укажување, не со препораки, туку со задолжување на институциите. Итно ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените кои стојат во фиока од август месец. Итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со присуство на Тошковски и Савески. Како жени нема да молчиме, туку силно ќе се спротивставиме. Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи“, рече Тренчевска.
На прес – конференцијата Тренчевски нагласи дека мора да се утврди одговорноста на сите институции и поединци кои потфрлиле во постапувањето по случајот.
„Бараме одговорност за сите пропусти и санкции за МВР, обвинителство, суд. Одговорноста дефинитивно е во Министерството за внатрешни работи и во Јавното обвинителство, затоа што не може да се пушти со мерки за претпазливост, насилникот кој што сторил такво брутално насилство.И не може да биде покренато обвинение без да се да се наведуваат членови од Кривичниот законик за телесна повреда, а без да се земат сите околности во предвид. Затоа што и од исказите и од она што го прочитавме на социјалните мрежи и од мајката на Сара, видовме дека тука станува збор за обид за убиство, не за семејно насилство. Ова е класичен пример на насилство врз жени. Бараме одговорност за сите пропусти и санкции за МВР, обвинителство, суд“, рече Тренчевска.
Таа нагласи дека случајот со бруталното насилство врз Сара од Охрид уште еднаш покажа дека институциите се само инструмент на власта и не ја гарантираат безбедноста на жените, додавајќи дека наместо навремено и професионално постапување, институциите дозволија жртвата да заврши во болница, а насилникот да биде пуштен на слобода, што отвора сериозни сомнежи за политички влијанија и заштита од локални ВМРО-вски функционери.
„Последниот случај со насилството врз Сара од Охрид повторно потврди дека институциите не функционираат, не ја гарантираат безбедноста на жените и служат само како инструмент на власта за заштита од одговорност“, рече Тренчевска.
















