Во Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Еднореченични“ од Виолета Танчева-Златева, седмата прозна книга на авторката, која ќе биде претставена со читања и разговори со писателки и промоторка. Книгата истражува нови изразни можности и внатрешна драматика во реченицата како основен елемент во книжевноста.
Утре ќе се одржи промоција на книгата „Еднореченични“ од Виолета Танчева-Златева. Промоцијата ќе се одржи во Салон „Империјал 2“ во Културно-информативниот центар – Скопје, од 19 часот.
Промоторка на книгата ќе биде професорката Лидија Капушевска-Дракулевска, а со авторката ќе разговараат писателките Лидија Димковска и Милена Сиљаноска. Дел од расказите ќе ни прочитаат Ангела Бошкоска, Пепи Стамков, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.
„Еднореченични“ е во издание на Издавачката куќа „Паблишер“, а станува збор за седмата прозна книга на Танчева-Златева, која е и поетеса, преведувачка и лекторка.
„Авторката ни покажува дека во книжевноста реченицата е отворена како вселена: таа крие безброј можности по кои може да се упати текстот. Зад секоја нејзина реченица, која има внатрешна драматика (експозиција, заплет, расплет), се крие по еден ненапишан роман, како што во секое зрно пченица се крие по еден невидлив клас“, пишува за книгата писателот Венко Андоновски.
Според промоторката Лидија Капушевска-Дракулевска, книгата е илустративна за макотрпниот копнеж на еден творец по совршена форма и за потрагата по нови изразни можности. Лидија Димковска, пак, овие еднореченични раскази ги нарече луцидни и длабоки, богати со автентични ликови, теми, чувства и размисли, кои се читаат за миг, а траат вечно.








