На Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, СЗО укажува на големите разлики во пристапот до тестирање и навремено лекување.
Три од пет жени на возраст од 30 до 49 години никогаш не биле на скрининг за рак на грлото на матката, покажуваат процените што Светската здравствена организација ги претстави на 17 ноември.
Во претходните пет години ХПВ-тест направиле само 2 отсто од жените во земјите со ниски и средни приходи, наспроти 32 отсто во земјите со високи приходи, наведува СЗО.

Во денешното соопштение, по повод Светскиот ден за елиминација на ова заболување, организацијата повикува на подостапни прегледи. Позитивниот резултат треба да биде проследен со навремена дијагностика и соодветен третман.
Како пример за напредок се наведува Бразил, каде ХПВ ДНК-тестирањето е достапно во јавниот здравствен систем во 26 од 27 федерални единици. Нов Зеланд најави бесплатен скрининг за сите жени што ги исполнуваат условите од март 2027 година.








