„Mercedes“ воведува асистирано возење од точка до точка и во градски сообраќај.
„Mercedes-Benz“ воведува нови функции за автоматизирано возење во Германија и во САД, соопшти компанијата во понеделникот.
На автопат, под одредени услови, возачите ќе можат да ги тргнат рацете од воланот при брзина до 130 километри на час, а возилото автоматски ќе ја менува сообраќајната лента.
Според компанијата, со оваа функција подолгите патувања ќе бидат значително поопуштени.

Возачите сепак ќе мора постојано да внимаваат на сообраќајот и да бидат подготвени да ја преземат контролата врз автомобилот, пренесува „DPA“.
Новата функција треба да биде достапна во Германија до крајот на оваа година, а во САД во текот на следната.
„Mercedes“ соопшти и дека таканареченото асистирано возење од точка до точка ќе биде достапно во двете земји во првата половина на 2027 година. Системот му помага на возачот по целата рута зададена во навигацијата, вклучително и во градски сообраќај.

„Менувањето ленти, престројувањето во десната лента, свртувањето на раскрсници, како и запирањето и тргнувањето на семафори ќе станат значително поедноставни“, соопшти компанијата.
Избрани корисници во Калифорнија, Штутгарт и Минхен ќе можат да го испробаат системот веќе следниот месец.
Компанијата посочи дека достапноста ќе зависи од пазарот и од моделот на возилото, а системите постепено ќе се воведуваат во сите модели.

Функциите ќе може да се додадат и преку безжично ажурирање на софтверот, без посета на сервис.
„Mercedes-Benz“ засега не откри за кои модели ќе биде достапен системот, ниту колку ќе чини. Овие детали ќе ги соопшти пред почетокот на продажбата на секој пазар.









