Мајката на Сара изразува загриженост поради стравот на својата ќерка, која е во болница по напад, бидејќи напаѓачот е на слобода и поврзан со моќни личности. Овој статус открива сериозни детали за настанот и влијанијата кои ја загрозуваат безбедноста на младата жртва.
Мајката на Сара, која со тешки повреди беше пренесена во болница , се огласи на социјалните мрежи. Таа вели дека нејзината ќерка се плаши за сопствената безбедност затоа што напаѓачот, нејзиното момче, е на слобода.
Во продолжение интегрално го пренесуваме статусот на мајката:
„Како мајка и родител, чувствувам потреба јавно да се обратам во името на мојата ќерка Сара, која сè уште се наоѓа во болница. Таа, наместо да се грижи за своето здравје и закрепнување, живее во страв и неизвесност за сопствената безбедност. Дополнителна вознемиреност и страв предизвикува фактот што маминото синче кое е виновно за се ова синоќа бил пуштен на слобода, тој е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предложена на таа функција од ВМРО-ДПМНЕ, и на Гоце Корабоски, инспектор во УЈП, за кого се зборува дека има блиски релации со Мицкоски.
Маминото синче постојано се фалело дека, без оглед на тоа што ќе се случи, неговите родители се доволно моќни за „да средат“ сè.
Она што дополнително ја прави целата ситуација уште пострашна се околностите поврзани со постапувањето на неговиот татко. Во моментот кога мојата ќерка била во бессознание, Кристијан, мислејќи дека таа е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело.
Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка.
Пред сето тоа, нејзиниот телефон бил намерно искршен, со што ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас.
„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“
Ова се зборови кои Сара ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба.
Во целата оваа ситуација се споменува и неговата тетка, мајка на две ќерки, која, контактирала со болницата во која моментално е сместена Сара, со цел да се влијае врз медицинскиот извештај и да се ублажи сериозноста на повредите, како Сара да била само малку изгребана.
Навистина е поразително особено кога станува збор за жена која и самата е мајка на две ќерки.
Посебно загрижувачки се и постапките на лицата од неговото опкружување, кои одбивале да ја однесат во болница, иако таа самата ги молела за помош. Наместо да покажат минимум човечност и да ѝ помогнат на повредена девојка, тие одбиле да реагираат.
Уште пострашно е сведочењето дека во тој момент Кристијан побарал нож и сакал да ја „докрајчи“.
Најголемата среќа во целата оваа трагедија е што Сара дошла при свест пред напаѓачот да успее да ја однесе и да ја фрли во некоја провалија. Токму затоа, кога сфатил дека таа се освестила, ја фрлил на улица.
До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“.
















