Поранешен косовски министер уапсен во акција против трговија со дрога во Приштина, запленет кокаин вреден 111.000 евра

Макфакс

15/11/2026

18:20

23

Големина на фонт

а а а

Косовската полиција уапсила група осомничена за организирана трговија со дрога во Приштина, меѓу кои и поранешниот министер за култура на Косово, Астрит Хараќија. Во акцијата се запленети кокаин, марихуана, оружје и луксузни автомобили.

Косовската полиција уапсила шест лица во Приштина под сомнение дека биле дел од организирана група за трговија со дрога. Меѓу приведените е и Астрит Хараќија, поранешен министер за култура на Косово, објавија медиумите.

Полициската акција била спроведена по долготрајна истрага, а според полицијата, групата имала разработена хиerarхиска структура – од организатори до улични дилери. Претреси биле извршени на повеќе локации, при што биле уапсени шестмина осомничени. Против уште едно лице ќе биде поведена редовна кривична постапка.

На сите уапсени им е одреден притвор до 48 часа.

Запленети кокаин, оружје и луксузни автомобили

Во акцијата биле запленети околу 1,6 килограми кокаин, чија улична вредност се проценува на 111.000 евра, како и марихуана, таблети екстази и други супстанции чиј состав сè уште не е утврден.

Полицијата одзела и шест луксузни автомобили, скапи часовници, накит, мобилни телефони, електронска опрема, уреди за надзор и околу 16.000 евра во готовина. На локациите биле пронајдени и огнено оружје, муниција, ножеви и опрема за пакување дрога.

Вкупната вредност на запленетата дрога и имот се проценува на околу 301.000 евра.

Апсењето на Хараќија го потврдил и неговиот адвокат, пренесе косовскиот медиум „Коха“. Тој беше министер за култура од 2004 до 2007 година, во владата на Рамуш Харадинај, а во 2012 година беше и заменик-министер за финансии во владата на Хашим Тачи.