Непознати лица рано утрово разнеле банкомат во Нео Ираклио, ги однеле касетите со пари и избегале, а грчката полиција ги проверува снимките од безбедносните камери.
Разнесоа банкомат пред супермаркет северно од Атина
Непознати лица рано утрово разнеле банкомат поставен на фасадата на супермаркет во Нео Ираклио, северно предградие на Атина, а потоа ги однеле сите касети со пари и избегале.
Експлозијата одекнала околу 03:45 часот, на крстосницата на авенијата Кимис и улицата Скуфа. Според информациите на грчката јавна телевизија ЕРТ, сторителите употребиле импровизирана експлозивна направа и го уништиле банкоматот.

По експлозијата, групата ги собрала касетите и се оддалечила со две возила. Засега не е објавено колкава сума била однесена, ниту дали полицијата има идентификувано осомничени.
Истрагата ја презел Одделот за имотни деликти при Дирекцијата за борба против организираниот криминал. Истражителите ги собираат снимките од безбедносните камери во околината и ја утврдуваат точната рута по која избегале сторителите.
И „Катимерини“ потврди дека нападот се случил во раните утрински часови и дека банкоматот бил целосно уништен. Нема официјален податок за повредени, а полициската истрага продолжува.












