Од денеска задолжителна зимска опрема во возилата

Макфакс

15/11/2026

11:12

100

Големина на фонт

а а а

Од денеска во Македонија важи законска обврска за користење на задолжителна зимска опрема во возилата, која вклучува зимски гуми и синџири за снег, со цел подобра безбедност во зимските услови и избегнување казни.

Од денеска возачите во Македонија мора да имаат задолжителна зимска опрема во своите возила. Законската обврска важи до 15 март следната година и се однесува на сите возила што учествуваат во јaвниот сообраќај, без разлика на временските услови.

Според правилникот, возилата до 3.500 килограми треба да имаат зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од најмалку четири милиметри. Дозволена е и употреба на летни гуми со иста длабочина на шарата, но во тој случај возачите задолжително мора да носат синџири за снег.

За возилата со погон на сите четири тркала важат малку поинакви правила. Тие треба да имаат зимски гуми со длабочина на шарата од најмалку шест милиметри или летни гуми со најмалку четири милиметри, но со задолжителни синџири за снег.

Кај возилата потешки од 3.500 килограми, зимските гуми треба да имаат шара од најмалку шест милиметри на погонските тркала. Алтернатива се летни гуми со најмалку четири милиметри длабочина на шарата, но и во овој случај мора да се носат синџири за снег.

Од Автомото сојузот на Македонија потсетуваат дека автобусите и камионите треба да имаат и прирачен алат, како лопата, доколку поради техничките карактеристики не можат да користат синџири за снег.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат возачите да ја почитуваат законската обврска и навреме да ги подготват возилата за зимски услови, со цел побезбедно одвивање на сообраќајот и избегнување на казни.