Премиерот Христијан Мицкоски истакна позитивни движења во индустриското производство и зголемување на прометот во индустријата, нагласувајќи дека економијата стигнала до точка нула, по период на длабок минус, и очекува понатамошен раст и развој во иднина.
Индустриското производство бележи позитивни движења, а прометот во индустријата е зголемен за над 5,5 отсто во споредба со третиот квартал минатата година, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој оцени дека растот е особено значаен ако се земат предвид економските состојби во светот и Европската Унија, која е најголем трговски партнер на земјава. Според него, зголемениот промет покажува дека расте продажбата на индустриските производи и на домашниот и на странските пазари, што претходно било потврдено и со растот на извозот.
Мицкоски оцени дека позитивните економски показатели се лоша вест за опозицијата, за која рече дека сака земјата да бележи негативни, наместо позитивни резултати.
„Сите индикатори укажуваат на тоа што ние уште на самиот почеток го велевме, дека треба трпение, дека мора полека да ги консолидираме работите и еве конечно, по речиси две и пол години, дојдовме до точка нула, а бевме во длабок минус“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека очекува во следниот период економијата да продолжи да расте, иако динамиката на развојот не зависи само од домашните политики, туку и од состојбите во светот.
„Од сега очекувам само раст, но тоа не зависи секогаш само од нас, туку и од состојбите во светот. Се надевам дека за многу скоро од денеска ќе можеме да зборуваме за поинтензивен развој“, изјави премиерот.








