Партијата Фидес ги негира обвинувањата за поврзаност на поранешниот министер Миклош Шестак со милијарди пронајдени пари во различни локации низ Унгарија, додека обвинителството истражува сомнежи за корупција и злоупотреба на службена положба.
Партијата Фидес на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан соопшти дека фотографиите од огромните количества пронајдени пари, кои ги објави Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот, немаат никаква поврзаност со поранешниот министер за национален развој и пратеник Миклош Шестак.
Реакцијата следува откако канцеларијата објави снимки и фотографии од координирани истражни акции спроведени на 12 и 13 ноември на повеќе локации низ Унгарија. При претресите биле пронајдени огромни количества готовина, скриени во шуми, земјоделски објекти, магацини и станбени згради.
„Фидес – Унгарски граѓански сојуз е убеден дека фотографиите објавени од Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот немаат никаква врска со Миклош Шестак“, се наведува во партиското соопштение.
Од партијата посочуваат дека од промената на политичкиот систем секој избран претставник во Унгарија полагал заклетва дека ќе ги почитува и спроведува законите.
„Фидес-КДНП не може да биде дел од заедница со никого што не се придржува до тоа“, порачале од партијата.
Пронајдени над пет милијарди форинти, милиони евра и долари
Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот соопшти дека истражните акции биле спроведени во Будимпешта и во областите Пешта, Бекеш и Ноград, во рамки на кривична постапка против поранешниот министер Миклош Шестак.
При претресите биле пронајдени 5.071.632.000 форинти, 2.658.350 евра и 1.257.100 долари. Дел од парите биле закопани во шуми, дел сокриени во земјоделски и магацински објекти и станбени згради, а готовина била откриена и во сеф на изолирана локација.
Според досегашните сознанија на обвинителството, постои сомнеж дека Шестак примал мито како висок функционер и ја злоупотребувал службената положба во рамки на организирана криминална активност. Се истражува и сомнеж за примање мито како соучесник во кривично дело.
Парите и другите докази пронајдени при истрагата би можеле дополнително да ја зајакнат позицијата на обвинителството во постапката поврзана со сомнежите за корупција.












