Зеленски: Американските ограничувања на сателитскиот интернет ја отежнуваат одбраната на Украина од дронови

Макфакс

14/11/2026

09:34

414

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше американското ограничување на брзината на сателитскиот интернет „Старшилд“, што според него ја отежнува одбраната на Украина од напади со дронови, особено на привремено окупираните територии.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги критикуваше ограничувањата на брзината на сателитската интернет-услуга „Старшилд“ во Украина, оценувајќи дека тие ја отежнуваат одбраната на земјата од напади со дронови.

Тој посочи дека ограничувањата и натаму важат долж целата фронтовска линија, како и на привремено окупираните територии. Поради тоа, им наложил на украинските министерства за надворешни работи и за одбрана да го отворат прашањето пред надлежните американски институции.

„Ова е многу лош сигнал“, рече Зеленски, предупредувајќи дека ограничувањата ја ослабуваат украинската одбрана од беспилотни летала. Според него, тие можат да ѝ испратат порака на Русија дека САД се подготвени поинаку да ги третираат привремено окупираните украински територии.

„Сметаме дека брзината повторно ќе биде овозможена“, порача украинскиот претседател.

Зеленски и претходно се пожали дека ограничувањата повторно се воведени, особено над делови од Украина под руска окупација.

Слични мерки беа воведени и во средината на октомври, кога Илон Маск, чија компанија „Спејс Икс“ управува со сателитската мрежа „Старлинк“, го обвини Киев дека цивилната интернет-услуга ја користи за напади со дронови, спротивно на условите за користење.

„Старшилд“ е воена сателитска интернет-услуга на „Спејс Икс“, но е под контрола на американската влада.

Украинската војска се потпира на интернетот преку „Старлинк“ за комуникација уште од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Украинските воздушни и поморски дронови, опремени со терминали „Старлинк“, се користат и за далечински управувани напади врз цели во Црното Море и на делови од украинската територија под руска окупација.