Македонија ја прекина серијата од 844 минути без гол, но загуби од Шкотска

Точка

13/11/2026

23:10

261

Големина на фонт

а а а

Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2:1 од Шкотска на „Хампден парк“ во Глазгов, во претпоследниот натпревар од Лигата на нации. Избраниците на Гоце Седлоски одиграа похрабро отколку во претходните средби, а Елмин Растодер стави крај на серијата од 844 минути без постигнат гол. Сепак, двата погодоци на Џон Мекгин, од кои вториот од пенал, ѝ ги донесоа трите бода на Шкотска.

Домаќините имаа иницијатива во првото полувреме, но Столе Димитриевски со неколку добри интервенции ја зачува македонската мрежа. На почетокот на вториот дел, Били Гилмор пропушти голема шанса, а набргу потоа Мекгин прв стигна до одбиената топка и ја доведе Шкотска во водство.

Македонија одговори само три минути подоцна. Растодер погоди во 57. минута за 1:1, со што „црвено-жолтите“ го постигнаа првиот гол по 844 минути игра.

По израмнувањето, темпото се смири, а решавачкиот момент дојде по контактот меѓу Димитриевски и Ганон-Доук во казнениот простор. По интервенција на ВАР, судијата Оченаш покажа на белата точка. Мекгин во 74. минута биеше по средината на голот и го постави конечниот резултат.

Македонија по пет одиграни натпревари во Лигата на нации останува без бод. Во последното коло против Словенија ќе ја бара првата победа под водство на Седлоски, воедно и прва во 2026 година.