Обожавателите на „кралицата на Божиќ“, пејачката Мараја Кери, се загрижени по нејзиното последно појавување во јавноста.
Славната пејачка се појавила во Бразил, каде што се сретнала со неколку обожаватели за да им даде автограми, но снимките од нејзиното појавување брзо се проширија на социјалните мрежи.
Кери (57) оваа недела била снимена како излегува од црн автомобил и со насмевка на лицето им приоѓа на обожавателите. Таа носела црна модна комбинација со високи црни чизми и големи црни очила за сонце.
Но, она што ги загрижи обожавателите беше начинот на кој таа се движела откако излегла од автомобилот, додека асистентите ја придржувале со рацете. Иако пејачката била добро расположена додека давала автограми и позирала за селфи-фотографии, многумина забележаа дека рацете ѝ се треселе и дека имала тешкотии со одржувањето на рамнотежата.
Снимките се проширија на социјалните мрежи „Икс“ и „ТикТок“, а корисниците коментираа: „Изгледа како да чувствува болка“, „Дали треба да бидеме загрижени?“.
Други, пак, велат: „Таа има 57 години, оставете ја на мир“, додека трети застанаа во нејзина одбрана: „Веројатно врнело дожд и подот бил лизгав, а таа носела високи потпетици“.
Дали пејачката има некакви здравствени проблеми, не е јавно познато, па затоа оваа снимка не потврдува никакви тврдења за нејзината наводно лоша здравствена состојба.

Ова се случува непосредно пред почетокот на нејзината божиќна турнеја. Поп-ѕвездата, која со години во пресрет на Божиќ ги освојува музичките топ-листи со својот хит „All I Want for Christmas Is You“, ќе одржи четири големи концерти во ноември и декември, во рамките на турнејата наречена „Christmastime“.
Турнејата опфаќа концерти во арената „Utilita“ во Бирмингем (27 ноември), арената „O2“ во Лондон (30 ноември) и „Co-op Live“ во Манчестер (2 декември). Потоа, на 8 декември, ќе настапи во Та Кали, во близина на Атард, на Малта.
Сепак, обожавателите се бесни поради цените на билетите – според пишувањето на британскиот „Сан“, некои билети чинат дури 577 фунти (околу 690 евра).











