ЛДП: Капитулираат пред жртвите и 17.500 потписи на гневни граѓани, но победата не е извојувана од Владата на машкиот надзор

Макфакс

13/11/2026

13:20

155

Големина на фонт

а а а

ЛДП ја критикува Владата за одложување на усвојувањето на електронски нараквици за насилниците и за семејното насилство, обвинувајќи ги за загубени животи и институционална неспособност. По собрани 17.500 потписи од граѓани, владата конечно најави законско решение, но ЛДП смета дека победата е за граѓаните и жртвите, а не за власта.

Овозможија дузина загубени животи на наши сограѓанки и голем број на човечки трагедии. Свесно и искалкулирано одлучија да ги отфрлат предлозите од април 2025 и март 2026 година за електронски нараквици за насилниците, предложени од ЛДП преку лидерката Моника Зајкова. Сега Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера призна јавно дека електронски нараквици за насилниците и сторителите на семејно насилство би дале позитивни резултати и најави усвојување на истата мерка на ЛДП што досега двапати ја предложи како закон во Собранието. Признание добивме, вината е дефинирана, а одговорност за загубените животи и трагедиите, велат од Либерално демократската партија.

Денес, додаваат тие, по собрани 17.500 потписи на граѓанки и граѓани и огромниот јавен притисок, власта објави капитулација и свое законско решение.

„Но, ова не е победа на Владата, ова е задоцнета реакција на институциите пред барањата на жртвите и насобраниот гнев на граѓаните. Росица, Ивана, Катја, Рамајана и Билјана се само некои од имињата кои не смеат да бидат заборавени. Нивните имиња се потсетник дека за институционалното доцнење се плаќа застрашувачка цена“, велат од партијата.

Велат дека и по трет пат го поднеле Законот до пратениците и овој пат, како што велат, нема веќе простор за оправдувања и нови грешки.

„Заштитата на жените не смее да зависи од ничиј политички рејтинг и нивната безбедност не е политички маркетинг, туку јасно утврдена обврска на државата и институциите. Можеа да послушаат и да спречат. Одлука донесоа, кобна! Бараме одговорност сега! Иако ви се фотељите слатки сепак мора да постои во политиката нешто што се вика морал, етика и поклон пред грешката и жртвите. Преголема грешка прават ако мислат дека без одговорност ќе им биде заборавено“, се наведува во соопштението на ЛДП.