Епидемија на ебола во Африка: Повеќе од 11.000 заразени, илјадници мртви

Макфакс

13/11/2026

10:50

221

Големина на фонт

а а а

Демократска Република Конго се соочува со голема епидемија на ебола, при што повеќе од 11.000 лица се заразени, а голем дел починале. Вирусот се шири во неколку држави во Африка, додека експертите истакнуваат дека нема одобрена вакцина или третман за новиот сој.

Демократска Република Конго регистрираше повеќе од 11.000 случаи на ебола во текот на изминатите шест месеци, при што речиси половина од заразените починале, објави денеска германската новинска агенција dpa.

Реалниот број на смртни случаи може да биде и поголем. Експертите предупредуваат дека вирусот можеби се ширел незабележано уште од февруари – неколку месеци пред епидемијата официјално да биде прогласена на 15 мај.

Еболата е тешка заразна болест предизвикана од група вируси. Таа може брзо да доведе до губење течности, воспалителни реакции, нарушувања во згрутчувањето на крвта и, на крајот, до откажување на органите. Колку подоцна ќе започне третманот на симптомите, толку е поголем ризикот од смртен исход.

За овој сој на вирусот не постои одобрена вакцина ниту третман

Раните симптоми на еболата можат да наликуваат на оние кај други болести, како што е маларијата, што во одредени случаи доведува до доцнење во изолирањето и лекувањето на пациентите. Спречувањето на ширењето на тековната епидемија е особено предизвикувачко бидејќи не постои одобрена вакцина или специфичен третман за овој конкретен сој на вирусот, познат како „Бундибугио“ (Bundibugyo).

Досега, еболата се проширила во осум покраини во рамките на Демократска Република Конго, како и надвор од границите на земјата. Случаи се регистрирани и во Кенија, Нигерија и Уганда.

Според здравствените власти, најтешко се погодени децата. Тие сочинуваат значителен дел од потврдените случаи, а истовремено се соочуваат и со поголем ризик од смртен исход.