Минчев од Атина: По новото институционално партнерство со ЕКДДА следуваат конкретни чекори за соработка

Макфакс

12/11/2026

12:20

181

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација Горан Минчев ја посети Националната грчка институција ЕКДДА за да ги зајакнат институционалните врски и да започнат конкретни активности за унапредување на обуката и професионалните стандарди во јавната администрација преку ново договорено партнерство.

Во рамки на официјалната посета на Атина, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, го посети Националниот центар за јавна администрација и локална самоуправа на Грција (ЕКДДА), институција која има значајна улога во развојот на професионалните капацитети и континуираната обука на административните службеници во Грција.

За време на посетата, претседателот на ЕКДДА, Василиос Ексархос, одржа презентација за работата, организацијата и искуствата на Центарот, по што следуваше дискусија за конкретните следни чекори по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двете институции. Во фокусот се директна институционална координација, размена на експертиза, развој на програми за обука и пренесување на успешни практики кои можат да придонесат за унапредување на професионалните стандарди во јавната администрација.

Министерот Минчев и претседателот Ексархос ги разгледаа и просториите на Националниот центар, при што беа презентирани неговите капацитети, услови и инфраструктура за спроведување на обуките и професионалниот развој. Посетата овозможи непосредно запознавање со начинот на функционирање на грчкиот модел и размена на искуства кои се од особено значење за развојот на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници во нашата земја.

Меморандумот за соработка претставува почеток на конкретни активности, размена на знаења и долгорочно институционално партнерство. Целта е позитивните искуства и докажаните практики да се преточат во применливи решенија, со кои ќе се унапредат системот на обука, професионалните компетенции и квалитетот на јавната администрација, во интерес на граѓаните и поефикасните јавни услуги.