Македонскиот КИЦ во Загреб со ново претставување на современата македонска ликовна и музичка уметност

Макфакс

12/11/2026

10:40

214

Големина на фонт

а а а

Македонскиот КИЦ во Загреб продолжува со претставување на современата македонска ликовна и музичка уметност преку изложбата „Флуктуација“ на Филип Перески и концертот „Звучен пат“ на младите музички уметници Симеон Гошев и Анастасија Гичевска, со цел афирмација на македонската културна сцена во Хрватска.

Македонскиот КИЦ во Загреб продолжува со реализацијата на својата програма, посветена на претставувањето на современото македонско уметничко творештво пред хрватската публика. Во рамките на актуелната програмска сезона, во КИЦ беа претставени две уметнички содржини – изложбата „Флуктуација“ на македонскиот уметник Филип Перески и концертот „Звучен пат“ на младите македонски музички уметници Симеон Гошев и Анастасија Гичевска.

На почетокот на настанот, пред бројните вљубеници во уметноста, се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска. Во своето обраќање, амбасадорот Ѓурчевски ја нагласи важноста на културната соработка како значаен придонес во негувањето на пријателските односи меѓу двете земји. Притоа, истакна дека преку културните настани и претставувањето на уметничките достигнувања се отвораат нови можности за меѓусебно запознавање, размена и афирмација на културните вредности на двете држави.

Осврнувајќи се на изложбата „Флуктуација“, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна:

„Преку изложбата „Флуктуација“, Филип Перески ја истражува линијата како основен визуелен елемент, но и како носител на енергија, движење и емоција. Во неговото творештво линијата не е само форма, туку динамичен процес, постојана промена и визуелен запис на времето и просторот. Преку експериментирањето со ритамот, текстурата, контрастот и слоевитоста, авторот создава композиции што ја надминуваат статичноста на површината и го повикуваат гледачот на сопствено доживување и интерпретација. Изложбата е уште едно претставување на современата македонска ликовна сцена пред хрватската публика и потврда на заложбите на македонскиот КИЦ за промоција на актуелните уметнички идеи и творечки истражувања.“

Музичкиот дел од вечерта продолжи со концертот „Звучен пат“, на кој настапија виолинистот Симеон Гошев и пијанистката Анастасија Гичевска. Програмата опфати дела од César Franck, Henryk Wieniawski и македонскиот композитор Томислав Зографски, нудејќи музичка средба на различни стилски изрази и уметнички традиции. Со својата изведба, двајцата уметници пред публиката ја претставија музичката зрелост и интерпретативниот потенцијал на младата македонска музичка сцена.

„Со реализацијата на изложбата „Флуктуација“ и концертот „Звучен пат“, македонскиот КИЦ во Загреб уште еднаш ја потврдува својата определба за континуирано и современо претставување на македонската културна сцена во Хрватска. Преку изложби, концерти, книжевни, филмски и други културни програми, КИЦ отвора простор за македонските уметници да бидат присутни пред хрватската публика, но и за воспоставување нови професионални контакти, културни партнерства и можности за меѓународна соработка“, велат од Македонскиот КИЦ во Загреб.

Настанот се реализираше како дел од годишната програма на македонскиот културно-информативен центар во Загреб, со поддршка на Министерството за култура и туризам.