Независната театарска продукција на „Госпоѓица Јулија“ од Битола, по текст на Аугуст Стриндберг и во режија на Иван Јерчиќ, првпат ќе гостува во Скопје, во едукативниот центар Лабораториум. Претставата ја обработува темата за моќта, желбата и манипулацијата на интимен и современ начин.
Независната продукција на „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, а во режија на Иван Јерчиќ, ќе биде изведена во културниот и едукативен центар Лабораториум во петок, 13 ноември, во 20 часот.
Претставата првично е поставена и редовно се игра во КИЦ Офицерски Дом во Битола, а ова е нејзиното прво гостување во главниот град. Улогите ги толкуваат Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.
За претставата се вели дека е „современо читање на Стриндберг кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба. Претставата има речиси скандинавска студеност.“
Ова е втор текст на Стриндберг на сцената на Лабораториум оваа година, по премиерата на „Татко“ во режија на Нина Николиќ минатиот месец и која е на редовниот репертоар на центарот. Гостувањето најавува и други претстави од надвор од Скопје, како и премиери планирани во програмата на Лабораториум во наредниот период.
Билети се продаваат онлајн на МК тикетс и на влез, пред почетокот на претставата.








