Шефот на Nvidia сака да избегне сослушување за кинеската шпионка: Републиканците не попуштаат

Макфакс

12/11/2026

06:50

281

Големина на фонт

а а а

Републиканците од Претставничкиот дом инсистираат извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, лично да се појави на сослушување во врска со неговите наводни врски со кинеска шпионка, што предизвика загриженост околу националната безбедност и извозните контроли на технологијата за вештачка интелигенција.

Тројца влијателни републиканци од Претставничкиот дом ќе го одбијат предлогот на извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, наместо него на сослушувањето да присуствува правниот застапник на компанијата. Според добро упатен извор, законодавците инсистираат Хуанг лично да одговори на прашањата во врска со неговите наводни врски со кинеската шпионка, пренесува „Ројтерс“.

Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, Брајан Маст, и двајца други високи републикански законодавци, на 4 ноември побараа од Хуанг да дојде на сослушување зад затворени врати во врска со извештај на „Њујорк тајмс“, во кој се тврди дека тој одржувал блиски односи со кинеска деловна жена која пренесувала информации до Пекинг.

Од кабинетот на Маст изјавија дека конгресменот е подготвен да издаде официјален налог за сведочење (судски налог) доколку Хуанг не постапи според нивното барање. За издавање на таков налог потребна е поддршка од другите законодавци, при што процедурите се разликуваат во зависност од конкретниот комитет.

„Nvidia“ во центарот на технолошкиот конфликт

САД и Кина се натпреваруваат во развојот на напредни системи за вештачка интелигенција, а „Nvidia“ игра клучна улога во овој конфликт. Нејзините чипови се широко користени за развој и функционирање на најсовремените модели на вештачка интелигенција.

Со години, американската администрација се обидува да го ограничи пристапот на Кина до овие чипови, повикувајќи се на националната безбедност. Наводите против Хуанг предизвикаа нова загриженост кај законодавците: дали постоечките контроли на извозот и заштитните механизми се доволни за да го спречат Пекинг да дојде до чувствителна американска технологија.

Џон Муленар, претседател на Специјалниот комитет за Кина и еден од потписниците на поканата, изјави за „Фокс бизнис“ дека Хуанг има рок до среда, во 17:00 часот по локално време, да потврди дали ќе присуствува на состанокот. „Доколку тој не се согласи или не предложи друг термин, уверен сум дека ќе следи задолжителен налог за сведочење“, рече Муленар.