Српскиот јутјубер Богдан Илиќ, познат како Бака Прасе, објави снимка од своето наводно апсење и откри дека сè било инсценирано. Тој вели дека со видеото сакал да им одговори на оние што го обвинувале дека парите ги заработил незаконски и посакувале да биде приведен.
Сè почна со објава на неговиот официјален профил на „Instagram“, во која се тврдеше дека бил приведен околу шест часот наутро. Во објавата пишуваше дека маскирани лица влегле во неговиот стан и го одвеле, дека не се знае каде е и дека сè уште нема одговор на барањето на адвокатот.

Вишото јавно обвинителство во Белград и полицијата од Савски Венац по проверките утврдија дека апсење немало и дека наводите за негово приведување поради поврзаност со „Alta banka“ се лажни. Во разговор со полицијата, Илиќ објаснил дека објавата била дел од снимањето видео за неговиот канал на „YouTube“.

„Белград на вода, Бака на слобода“
По реакцијата на обвинителството, Илиќ објави фотографија од белградската населба Белград на вода со порака: „Белград на вода, Бака на слобода“. Притоа најави дека наскоро ќе ја открие целата вистина.

Потоа на социјалната мрежа „X“ ја сподели снимката од инсценираното апсење и објасни кому му била наменета.
„Ова е пренк! Шега за сите што сакаа да ме уапсат и ми пишуваа дека треба да ме уапсат. За оние што се бесни, љубоморни и злобни. Сето ова е заработено со чесна и законска работа, така што, хејтерите се на апарати“, рече Илиќ.












