За време на подготовките за изборот за Мис Колумбија 2026, во Картахена беше снимен момент што го привлече вниманието на социјалните мрежи, пренесува „Pulzo“.
На снимката се гледаат претставничките на департманите Сукре, Толима и Ваље дел Каука, а видеото предизвика бројни коментари и шпекулации.
Различни реакции
Видеото што се споделува на социјалните мрежи е снимено на скалите на хотелот „Hilton“, каде што се одржуваат главните активности на натпреварот. На него се гледаат Хулијана Навила Гомес Анаја, претставничка на Сукре, Валентина Дуке Естрада, која ја претставува Ваље дел Каука, и Валери Зарит Мартинес Прада, претставничка на Толима.
Девојките се подготвувале за официјалното фотографирање, а камерата го забележала моментот кога Хулијана дошла во контакт со колешките. Гледачите различно го протолкувале нејзиниот потег.
Едни сметаат дека им покажувала каде да застанат за фотографирањето, а други дека можеби ги поместила за самата подобро да се гледа.
Додека едни ја критикуваа, други повикаа на претпазливост и истакнаа дека не треба да се носат избрзани заклучоци врз основа на снимка што трае само неколку секунди. Како што посочија, не е познато што се случило пред моментот што го забележала камерата, ниту што следувало потоа.
En redes sociales se viralizó un momento durante una sesión de fotos de las candidatas al Concurso Nacional de Belleza, cuando la representante de Sucre retiró sutilmente la mano de las candidatas de Tolima y Valle. https://t.co/yZVUEenjPh
— Rastreando famosos (@RastreandoF) November 10, 2026
„Ништо не се случи“
Откако коментарите почнаа да се шират на интернет, Хулијана се огласи на социјалните мрежи. Таа рече дека целата ситуација емотивно ја погодила и нагласи дека меѓу неа и другите натпреварувачки нема конфликт.
„Тажна сум. На крајот на краиштата, не сме од железо, и нас може да нè повредат. Не сум толку егоцентрична како што сите се обидуваат да ме прикажат“, изјави таа.
Додаде дека е во добри односи со претставничките на Ваље дел Каука и Толима и дека ѝ е жал што и тие добиваат негативни пораки и коментари поради случката.
„Со колешките сум во навистина добри односи. Вистината е дека ништо не се случи. Жал ми е и за нив, бидејќи знам дека и ним им пишуваат работи што не ги заслужуваат“, рече таа.
„Само ние знаеме што се случува“
Младата натпреварувачка ја искористи можноста да ја потсети јавноста дека искуството на учесничките во Картахена е повеќе од натпревар за титулата најубава Колумбијка.
„На крајот на краиштата, ние сме само три прекрасни жени кои дојдоа на изборот за убавина за да уживаат и да покажат дека сме убави, но и дека сме полни со љубов и имаме многу да му понудиме на светот. Ние сме образовани и остварени жени“, порача таа.
На крајот нагласи дека една кратка снимка не треба да биде единствената основа за процена на нечие однесување.
„Само ние знаеме што се случува зад кулисите. Снимка од пет секунди не кажува каков човек сте“, заклучи таа.
Годинашниот натпревар се одржува под слоганот „Колумбија, земја на културата“. Еден од најочекуваните настани е вечерта на изборот и крунисувањето на Мис Колумбија за 2026/2027 година, закажана за понеделник, 16 ноември.









