Пратеникот Зоранчо Јованчев говореше за деловната соработка што Владата на СДС и ДУИ ја барала во 2023 година со Алта банка од Србија, како и за воведувањето на привремена администрација во банката, потенцирајќи институционална одговорност и процесот на продажба на акции.
На денешната надзорна расправа во Собранието во рамки на Комисијата за финансирање и буџет, на тема „ Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност “, се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев, кој истакна дека во 2023 година, владата предводена од СДС и ДУИ донела одлука со која се барало воспоставување деловни односи со Алта банка АД Белград. Тој посочи дека во тој период започнал и процесот поврзан со продажбата на акциите на Стопанска банка АД Битола.
Обраќање на Јованчев
„Нема да ви поставам прашање дали сте запознаени со одлуката на владата на СДС и ДУИ која што денес ја објави премиерот Христијан Мицкоски каде што истата таа влада барала влегување во деловни односи со Алта банка АД Белград, каде што премиер е Димитар Ковачевски наш колега, а и повеќе од колегите пратеници биле во истата таа влада на СДС и ДУИ, инаку седницата е оддржана на 24.10.2023 година и токму во тој период е отпочната на некој начин и одобрена продажбата за акциите на Стопанска банка АД Битола“, рече Јованчев.
Воведување привремена администрација
Во своето обраќање, пратеникот се осврна и на одлуката на Народната банка за воведување привремена администрација во Алта банка АД Битола истакнувајќи дека целта на оваа мерка е да обезбеди непречено работење и заштита на средствата и интересите на штедачите и доверителите.
„Народната банка на РМ воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола исклучиво поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер со квалификувано учество, во вашите обраќања нагласивте дека воведувањето на привремената администрација не значи затварање на Алта банка АД Битола ниту пак активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување на депозити, напротив дека целта на оваа привремена заштитна мерка е банката да продолжи непречено да работи, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на сите штедачи и други доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба, и дека станувало збор за привремена заштитна мерка, а не за постапка за затварање на банката“, вели Јованчев.
Прашања кон Народната банка
Јованчев побара и одговор од вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска за тоа како се одвивал процесот на давање согласност на акционер со квалификувано учество во банка и дали се запазени сите потребни чекори.
„Како се одвивал процесот на давање согласност на акционер со квалификувано учество во банка и дали во овој случај се запазени сите предвидени чекори и постапки, кој беше купувач на акциите на Стопанска банка АД Битола“, праша Јованчев.
















