Камерите на „Безбеден град“ не познаваат функција, Тошковски: „Скоро и да нема функционер кој не ми рекол: 'Министер, еве функционира, си платив и јас'“

Точка

10/11/2026

13:19

668

Големина на фонт

а а а

Министри, директори, функционери, па дури и црковни лица се меѓу казнетите за сообраќајни прекршоци регистрирани од камерите на системот „Безбеден град“. Казни не ги одминале ниту носителите на високи јавни функции, а според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, сите изречени казни биле уредно платени, без разлика дали прекршокот бил направен со службено или со приватно возило.

На прес-конференција посветена на резултатите од проектот „Безбеден град“, Тошковски откри дека меѓу санкционираните има функционери од различни нивоа, министри, директори, но и лица од црковните кругови. Со ова, како што посочи, системот покажал дека правилата во сообраќајот важат подеднакво за сите, без оглед на функцијата и општествената позиција.


Министерот се осврнал и на обидите за ургирање и интервенции во случаи кога биле регистрирани сообраќајни прекршоци. Според него, такви обиди имало во минатото, но престанале по неговата реакција.

Тој истакна дека речиси и да нема функционер со кого разговарал, а кој не му потврдил дека добил сообраќајна казна и ја платил. Дополнително, нагласи дека во последната година и половина немало барања за интервенции поврзани со конкретни прекршоци.

„Скоро и да нема функционер од кое било ниво, да не ми рекол „Министер, еве функционира, си платив и јас, ми стигна казната“. Ургенции немало последнава година и половина. Претходно да, во рамки на техничка влада имав одредени ургенции за одредени прекршоци. После мојата бурна реакција последнава година и половина не се случило некој да побара од мене што било поврзано со ургирање во врска со конкретен сообраќаен прекршок. Многу ми е мило што е така“, изјави Тошковски.


На новинарските прашања за функционирањето и ефектите од системот, Тошковски оцени дека „Безбеден град“ веќе дава конкретни резултати. Според податоците што ги презентираше, примената на системот придонела за намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи за 30 проценти.

Системот „Безбеден град“, кој неодамна започна со работа, има за цел да го зголеми сообраќајниот ред, да го намали бројот на прекршоци и да придонесе за поголема безбедност на патиштата.