Специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, повика на создавање нова безбедносна рамка за Украина, Русија и Европа на почетокот на нова рунда мировни преговори меѓу Киев и Москва со посредство на САД. Украинските и руските преговарачи започнаа дводневни разговори во Абу Даби со цел постигнување траен мир, додека Европа бара вклучување во мировниот процес.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, денеска во Абу Даби повика на воспоставување нова безбедносна рамка за Украина, Русија и Европа, на почетокот на новата рунда мировни преговори меѓу Киев и Москва, со посредство на САД.
„Не се надеваме само дека ќе разговараме за билатералните прашања и за завршување на војната, туку и дека ќе воспоставиме добри безбедносни односи меѓу Украина, Русија и Европа, за да создадеме нова рамка, а не само да ја завршиме оваа војна“, изјави Кушнер.
Украинските и руските преговарачи денеска почнаа дводневни разговори во Абу Даби. Главниот украински преговарач Рустем Умеров изјави дека целта е постигнување траен мир, додека неговиот руски колега Владимир Медински порача дека завршувањето на војната е во интерес на двата народа.
Иако Трамп неодамна изрази оптимизам за постигнување мировен договор, аналитичарите не очекуваат значителен напредок во оваа рунда преговори. Русија и натаму контролира околу една петтина од украинската територија, а двете страни остануваат далеку од договор за условите за завршување на војната.
Во меѓувреме, европските претставници бараат да бидат вклучени во мировниот процес. Франција порача дека траен мир во Украина не е можен без решавање на прашањето за европската безбедност, додека Русија се противи на учеството на европски претставници во преговорите.








