Снимката што го обиколи светот го прикажува драматичниот момент кога голема бела ајкула, долга околу три и пол метри, допливала на само неколку сантиметри од кревкиот кајак на калифорнискиот риболовец Дејвид Славич.
Инцидентот се случил на 25 октомври во заливот Хаф Мун Беј, педесетина километри јужно од Сан Франциско. Славич мирно ловел риба кога ненадејно зад себе слушнал плискање во водата. Кога се свртел, здогледал масивна темна силуета и препознатлива грбна перка како ја сече површината на океанот, по што молскавично почнал да ја намотува риболовната нишка.
Потоа предаторот поминал веднаш покрај кајакот.
„О, Боже … Во ред, да бегаме оттука што е можно побрзо“, се слуша реакцијата на Славич на снимката додека се оддалечува од местото.
A fisherman captured video of a close encounter with a great white shark while kayak fishing off the coast of Half Moon Bay on a Sunday.
David Slavich was uninjured during the encounter as the shark swam past his kayak without attacking.
STORY: https://t.co/f3QawH9Mea https://t.co/rqqDSPBN4B
— KRON4 News (@kron4news) October 27, 2026
Присетувајќи се на блиската средба за телевизијата „KRON4“, Славич го опиша моментот кога сфатил што се случува:
„Слушнав силно плискање на водата, погледнав преку рамото и видов огромна силуета и карактеристична перка. Веднаш сфатив дека не е орка или делфин, туку голема бела ајкула. Во еден момент нејзиното огромно око се впери директно во моето – тоа беше една од најнереалните глетки во мојот живот.“
Како што вели, во секунда му се активирал нагонот за преживување:
„Влегов во режим ’бори се или бегај‘. Знаев само дека мора веднаш да го извлечам приборот од водата за ајкулата да не го повлече. Ја подигнав опремата во дел од секундата, а потоа се вкочанив и се подготвив за удар, не знаејќи што ќе следува.“
Иако ја опиша средбата како едно од најстрашните искуства во животот, инцидентот завршил мирно.
„Ова всушност покажува дека немаат намера да јадат луѓе, туку дека се само исклучително љубопитни. Сепак, тоа не значи дека срцето не ми скокаше од градите“, додаде Славич. Неговата сопруга Андреа по сè што се случило му порачала пред следното излегување на вода задолжително да набави значително поголем чамец.

Сè почести појавувања на ајкули покрај калифорнискиот брег
Покрај калифорнискиот брег се бележат сè почести средби со ајкули, кои во последните месеци биле забележани во непосредна близина на сурфери, капачи и деца.
Експертите зачестеноста на овие појави ја поврзуваат со феноменот „Супер Ел Нињо“, кој го загрева океанот и влијае врз миграцијата на ајкулите кон север.
И покрај вознемирувачките глетки, стручњаците потсетуваат дека луѓето не се природен плен на овие морски предатори.
„Човекот ниту изгледа ниту звучи како нивниот плен“, истакнува д-р Крис Лоу, директор на Лабораторијата за ајкули при Државниот универзитет на Калифорнија во Лонг Бич. „Ако ајкулата процени дека нешто не е храна, го игнорира – за неа тоа не е ниту закана ниту оброк.“
Официјалните податоци потврдуваат дека инцидентите со смртен исход се исклучително ретки: во Калифорнија во просек се бележат само 2,5 смртоносни напади од ајкули на една деценија, додека од 1950 година до денес се евидентирани вкупно 17 смртни случаи.
















