По злоупотребите во Штип одземен пристапот до студентските досиеја и ставени во мирување работните места на двајцата вработени во универзитетот

Макфакс

09/11/2026

13:10

237

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство Штип поведува постапка против двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ поради злоупотреби во електронскиот систем за студентски досиеја. Работните места на овие лица се ставени во мирување, а им се одземени привилегиите додека трае истрагата, која се фокусира на запишувањето на студенти и евентуалната нелегитимна манипулација со податоци.

По одлуката на Основното јавно обвинителство Штип за поведување постапка против двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“, од Ректоратот информираат дека работните места на двајцата вработени веднаш се ставени во мирување и им се одземени привилегиите во електронскиот систем за студентски досиеја.

„ Согласно законските прописи, работните места на двајцата вработени веднаш се ставени во мирување и целосно им се одземени сите системски и администраторски привилегии во електронскиот систем за студентски досиеја. Оваа мерка е на сила до целосно расветлување на случајот.

Истовремено од таму соопштија дека е преземена мерка и за заштита на досиејата и за системска конторла.

„Проверката е насочена кон ограничен број случаи поврзани со постапките за запишување на студенти, во овој контекст сакаме да ја увериме јавноста дека досиејата и евиденцијата на студентите надвор од овие случаи не се засегнати. Сите евентуално нелегитимно внесени податоци од страна на осомничените лица се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по завршувањето на истрагата од надлежните органи.
Ја информираме јавноста дека електронскиот систем на УГД поседува софистицирани дигитални механизми и записи кои ги забележуваат сите интервенции при што може да се лоцира евентуална индивидуална одговорност“.

Универзитетот, децидини се од институцијата, останува во целосна и отворена соработка со ОЈО и МВР до конечно расчистување на случајот и нема да дава коментари поврзани со постапката додека таа трае.

„УГД останува посветен на своите темелни академски вредности и знаеме дека решавањето на девијантните појави може да биде тешко, но сме уверени дека тоа е единствено исправно во насока на заштита на квалитетот на високото образование“.

Ги повикуваат сите студенти, професори и вработени, слободно и анонимно да ги пријавуваат сите сомнежи за евентуална злоупотреба на службената положба.

„Потсетуваме дека УГД има поставено детални информации за пријавување корупција во високото образование на самата веб страна на следниот линк: https://www.ugd.edu.mk/za-ugd/prijavete-korupcija/“, информираат од УГД по случајот со злоупотребите во информатичкиот систем на универзитетот, каде што за финансиски надомест биле менувани, бришени и прикривани податоци за оценки и испитни бодови во базата за електронски индекс.