СДСМ ја повикува јавната обвинителна власт веднаш да ја испита ситуацијата со влезот на Алта банка во Македонија, предупредувајќи дека ќе поднесе кривични пријави доколку не се преземат мерки. Обвиненија се упатуваат за политичко влијание, сомнителен капитал и нерегуларности поврзани со сопственикот и процесот на стекнување на банката во земјата.
СДСМ побара од Јавното обвинителство и јавниот обвинител Ненад Савески веднаш да ги испитаат околностите за влезот на Алта банка во Македонија, најавувајќи кривични пријави доколку не биде преземена постапка.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција изнесе тврдења дека во Србија на банката ѝ е одземена дозволата, отворена е стечајна постапка, а нејзиниот сопственик Давор Мацура е уапсен во рамки на истрага поврзана со 380 милиони евра.
„Во Македонија нема никаква реакција од Обвинителството.
Народот не може да дојде до своите пари а тие што ја донесоа Алта банка во Македонија, уште договараат и нов сопственик.
Фактите се јасни како ден.
Трајко Славески и Христијан Мицкоски ја внесуваат Алта банка во Македонија, пералница на пари на Вучиќ со сомнителен капитал.
Има јавно признание од Трајко Славески дека зад одлуката за Алта банка стои Христијан Мицкоски.
Иако Народна банка треба да е независна институција.
Иако СДСМ уште во декември 2025 година предупредуваше и алармираше јавно за позадината на оваа банка, за врските со Вучиќ, со СНС, со ВМРО и за сомнителниот капитал.
Иако во Европа имаше санкции и суспензии, во Црна Гора е одбиена, Славески и Мицкоски ја носат Алта банка во Македонија.
Во Законот за банки, член 13, се наведува дека „Акционер со квалификувано учество во банка не може да стане лице или правно лице контролирано од лице на кое му е изречена прекршочна санкција„
А Alta Group —во 2024 година била правосилно санкционирана од Австриската FMA.
Славески морал да знае дека Алта Груп или Алта Банка никако не може да се стекне со статус квалификуван акционер и не смеел да дозволи влез на Алта Банка.
Дополнително морал да ја погледне и репутацијата на сопственикот Давор Мацура, банкарот на Вучиќ кој стана банкар на Мицкоски а сега во притвор.
Покрај се ова наведно, Владата на Мицкоски носела заклучоци со кои му овозможила на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.
Не само што му дозволи да купи банка, Мицкоски му дозволи на Мацура да купи и осигурително друштво.
Сите овие факти, заедно со јавното признание на Славески за политичко влијание на Мицкоски повикуваат на акција на Обвинителството.
Молкот ја продлабочува недовербата и отвора сомнеж дека се штити Мицкоски.
Се оставаат Мицкоски и Славески да ја заташкаат работата, да уништуваат докази, да не се дознаат сметките, транакциите од Алта банка.
Нека не чека Савески повик од Мицкоски. Нека му ги одбиве повиците и нека постапува.
Обвинителството има обврска кон граѓаните.
Бараме веднаш да се испитаат сите околности за влезот на Алта банка во Македонија. Улогата на Мицкоски. Постапувањето на Славески. Предлогот на Кочоска. Владините заклучоци. Потеклото и текот на парите. Сите инволвирани да одговараат.
Доколку Обвинителството не постапи, СДСМ највува кривични пријави за Алта банка.
Го потсетуваме Савески дека јавниот обвинител мора да биде независен и да работи според Уставот и законите. Дека со полагањето заклетва му дал збор на народот.
Видовме дека наскоро се очекуваат апсења на обвинители во Србија.
Савески навреме нека се огради од Мицкоски и нека почне да си ја врши работата во интерес на граѓаните на Македонија, бидејќи во спротивно го чека истата судбина како неговите колеги во Србија.
Савески, часовникот отчукува. Постапете веднаш!
Одговорност ќе има!“, рече Кузеска.
















