Свечено затворање на 26. Скопје Филм Фестивал и проекција на „Електричен бакнеж“

Макфакс

09/11/2026

10:30

247

Големина на фонт

а а а

Официјалното завршување на 26. издание на Скопје Филм Фестивал ќе се одржи со свечена церемонија и проекција на филмот „Електричен бакнеж“. Денот е исполнет со мастерклас, филмски проекции и програма што ги нагласува значењето на фестивалот за македонската и светската филмска сцена.

Со денешните активности и проекцијата во Кино „Фросина“, официјално се заокружува 26. издание на Скопје Филм Фестивал (СФФ).

Последниот фестивалски ден започнува во 12:00 часот во Клуб МКЦ со третиот фестивалски мастерклас, предводен од Ники Никитин, реномиран меѓународен филмски селектор и куратор на СФФ2026. Мастеркласот е посветен на темата „Фестивалски стратегии: Дистрибуција на филмови и ефикасно користење на фестивалскиот пазар“, која нуди насоки и практични совети за младите автори и филмски професионалци. Во 13:00 часот во Кино „Фросина“, во рамки на „А1 Кинотека“, ќе биде прикажан филмскиот класик „Чувар на плажата во зимски период“ на Горан Паскаљевиќ.

Со почеток од 19:00 часот во Кино „Фросина“ ќе се одржи Свеченото затворање на СФФ2026, во чии рамки стручното жири официјално ќе ги соопшти добитниците на овогодинешните награди и признанија. Веднаш по церемонијата, во 19:30 часот, Скопје Филм Фестивал ќе ја затвори програмата со проекцијата на „Електричен бакнеж“ (The Electric Kiss) во режија на Пјер Салвадори, филм кој ја имаше својата светска премиера во рамки на отворањето на Канскиот филмски фестивал оваа година.

Сите заинтересирани може да ги набават своите билети преку продажната мрежа на MK Tickets. За целосната фестивалска програма, дополнителни информации и новости околу претстојните активности на фестивалот, посетете ја официјалната веб-страница sff.mk или следете ги официјалните профили на фестивалот на социјалните мрежи.