Левица: Скопје сакаат да го претстават како европска престолнина, а јавните пари да ги трошат без контрола

Макфакс

07/11/2026

11:12

306

Големина на фонт

а а а

Левица реагира на подготовките на ВМРО-ДПМНЕ за претставување на Скопје како Европска престолнина на културата, укажувајќи на сериозни недостатоци во транспарентноста, управувањето и користењето на јавните средства, предупредувајќи на опасноста од политичко влијание и непрозрачна распределба на финансии.

Додека ВМРО-ДПМНЕ се подготвува да го претстави Скопје како Европска престолнина на културата, Европската комисија веќе укажува на сериозни недостатоци во транспарентноста на управувањето, стабилноста на финансиската поддршка, навремената реализација и соработката со културните чинители, реагираат од Левица.

Од партијата оценуваат дека наместо историската можност да се искористи за суштинска преобразба на културниот живот, постои опасност проектот да се претвори во уште една партиски режирана претстава, во која европски ќе биде само насловот, додека практиките на политичко влијание и затворено одлучување ќе останат непроменети.

„Апсурдот добива уште посериозни размери со предложената законска рамка, со која за проект вреден околу 21 милион евро се предвидува Фондацијата да ги спроведува набавките надвор од општиот режим на Законот за јавни набавки. Со други зборови, за проект што треба да претставува европски културен дострел се предлага исклучок од механизмите што обезбедуваат јавна контрола и конкурентност“, велат од Левица.

Оттаму посочуваат дека токму во годината кога Европската комисија констатира нула напредок во јавните набавки, ВМРО-ДПМНЕ предлага посебен модел за располагање со големи јавни средства. Левица тврди дека по нивните реакции и укажувања за ризиците, предлог-законот бил повлечен.

Од партијата предупредуваат и на опасноста проектот да се концентрира околу тесен управувачки круг, додека независната културна сцена, авторите, уметниците и организациите што со децении го одржуваат културниот живот во Скопје да останат без доволно гаранции за суштинско учество.

„Кој ќе одлучува кои проекти заслужуваат поддршка, според какви критериуми, со какви договори и под чиј надзор?“, прашуваат од Левица, оценувајќи дека предложениот модел отвора простор за непрозрачна распределба на средствата, политичко влијание и привилегирање на одредени чинители.

Од Левица потсетуваат дека предупредувањата за недоволна транспарентност не се нови. Уште при претходниот мониторинг, европскиот експертски панел побарал суштински информации за организациската структура, финансиските гаранции, програмата, буџетите и механизмите за следење на реализацијата.

Во извештајот за 2026 година, како што наведуваат од партијата, Европската комисија повторно ја нагласува потребата од транспарентно управување, сигурно финансирање и навремено спроведување на проектот.

„Нема ништо европско во настојувањето јавните средства да се трошат според посебни правила без доволно силни надворешни контроли, ниту во претворањето на културниот развој во привилегија на тесен круг одлучувачи“, наведуваат од Левица.

Од партијата најавуваат дека ќе инсистираат на целосна јавност на одлуките, договорите, критериумите и финансиските текови, како и на вистинско учество на независната културна сцена.