Закани за бомби испратени до телевизиски станици низ Европа: „Часовникот отчукува“

Макфакс

06/11/2026

21:52

225

Големина на фонт

а а а

До европските телевизиски станици беа испратени лажни закани за поставени бомби, кои предизвикаа евакуации и прекини во програмата. Во пораките, што ги потпиша лице наречено Михаил Андропов, се наведува дека се дел од поголеми предупредувања со серија лажни дојави за бомби и сајбер напади во Европа.

До телевизиски станици ширум Европа беа испратени дојави за поставени бомби со предупредувањето „часовникот отчукува“, што доведе до евакуации и прекини во програмата.

Предупредувања биле испратени до ирскиот јавен сервис RTE, британскиот „Скај“, бугарската приватна телевизија „Нова ТВ“ и други медиуми, соопштија компаниите.

Лажни дојави
На ниту една од погодените локации не беше пронајдена бомба.

Овие дојави уследија по серијата лажни закани за бомби кои во изминатите денови го попречија патничкиот авиосообраќај од Србија и Финска кон Шпанија и други дестинации, предизвикувајќи пренасочување на летови, принудни слетувања и безбедносни проверки, иако досега не е пронајден експлозив.

Предупредувањата доаѓаат и во време на зголемена загриженост поради хакерски измами во последните неколку недели, вклучително и сајбер-напади врз трговски ланци.

„Сакаме целиот свет да слушне за нас, па затоа еден од нашите оперативци постави експлозивна направа во вашата зграда“, се вели во една од електронските пораки добиени од „Нова“ и RTE во петокот. „Таа ќе експлодира за 45 минути. Часовникот отчукува.“

„Порака до Западот“
Засега не се знае кој стои зад лажните дојави.

Електронските пораки испратени до RTE и „Нова“ биле потпишани со името Михаил Андропов, а во пораката се наведува дека авторот е еден од водачите на групата одговорна за лажните аларми во авионите оваа недела.

„Но, ова е само почеток. Она што се случи оваа недела е само мал дел од она што ја очекува Европа во блиска иднина“, се додава во пораката.

Наводниот автор го носи истото презиме како Јуриј Андропов, поранешниот генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Насловот на електронската порака, „ПОРАКА ДО ЗАПАДОТ“, алудира на насловот на биографијата за Андропов, која гласи „Нов предизвик за Западот“.

Не е јасно дали ова е знак за руска вмешаност или обид вината да се префрли врз Москва.

Ирскиот премиер Мајкл Мартин изјави дека безбедносните служби во Европа сè уште немаат утврдено дали заканите упатени кон авиосообраќајот и медиумските организации доаѓаат од поединци или се дел од координиран напад.