Уапсен гостиварец: ја принудувал својата 80-годишна мајка на питачење, поднесена кривична за трговија со луѓе

Макфакс

06/11/2026

17:50

214

Големина на фонт

а а а

Гостиварец е уапсен поради тоа што ја принудувал својата 80-годишна мајка со инвалидска количка да оди на питачење, при што ја искористувал нејзината ранливост и физичка неспособност за противправна имотна добивка. По извршен претрес, против него е поднесена кривична пријава за трговија со луѓе.

Денеска, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Н.Н.(60) од Гостивар за сторено кривично дело „трговија со луѓе“, по член 418-а, став 1 од Кривичниот законик.

Во текот на 2025 и 2026 година, Н.Н. делото го сторил со цел стекнување противправна имотна корист, на начин што ја искористил ранливоста и зависната положба на неговата мајка З.С.(80) од Гостивар, како и нејзината физичка неспособност, (истата се движи со инвалидска количка и не ги извршува самостојно секојдневните активности), и ја принудувал на питачење.

Имено Н.Н. својата мајка подолг временски период во континуитет ја носел на локација во Гостивар, и ја изложувал на трудова експлоатација по пат на питачење, додека за целото време бил присутен во нејзина непосредна близина, ја надгледувал и контролирал нејзината активност, по што насилно и на дрзок начин и ги одземал паричните средства, кои потоа ги користел за свои потреби.

Врз основа на издадена судска наредба од Основен кривичен суд Скопје, на подрачје на Гостивар извршен е претрес во дом и други простории кај Н.Н., при што лицето е лишено од слобода.

Од извршениот претрес пронајдени и привремено одземени се мобилни телефонски апарати и парични средства кои потекнуваат од извршување на кривичното дело.