Србија почнува со реконструкција на уште 32 километри од железничката пруга кон Бугарија

Макфакс

05/11/2026

12:00

140

Големина на фонт

а а а

Српското Министерство за градежништво одобри почеток на четвртата фаза за реконструкција и модернизација на железничката пруга Ниш – Димитровград, која важи за клучна веза со Бугарија и опфаќа 32 километри железничка пруга и реконструкција на неколку станици и патни премини.

Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија го одобри почетокот на четвртата фаза од реконструкцијата и модернизацијата на железничката пруга Ниш – Димитровград, која ја поврзува Србија со Бугарија, пренесуваат српските медиуми.

Новата фаза опфаќа околу 32 километри железничка пруга, реконструкција на четири железнички станици и изградба на четири патни премини.

Работите ќе се изведуваат на делниците меѓу Долац и Црвена Река, Црвена Река и Бела Паланка, Бела Паланка и Чифлик, како и Чифлик и Станичење.

Според издаденото одобрение, планираниот почеток на градежните работи е 6 ноември 2026 година, односно утре.

Пругата Ниш – Димитровград е единствениот дел од Коридорот 10 што не е електрифициран и претставува директна железничка врска меѓу Србија и Бугарија. Таа има значајна улога во транспортот на стока од Турција и Блискиот Исток.