Патнички авион „Ербас А320“ на ирската авиокомпанија „Аер Лингус“, кој во четвртокот наутро летал од Даблин кон Рим, бил пренасочен кон француската воена воздухопловна база Еврe поради дојава за бомба.
Станува збор за нов инцидент по серијата слични закани на европските летови на почетокот на неделата, пишува „Ле Паризиен“.
Авионот на летот „EI402“, кој според првичниот распоред требало да слета во италијанската престолнина околу 10:30 часот, поради безбедносна тревога ја променил рутата и се упатил кон воената база Евре, во францускиот департман Ер. Француските власти потврдија дека ја следат ситуацијата.
„Ситуацијата се следи во реално време, во согласност со предвидените процедури“, соопштија од кабинетот на францускиот премиер.
Авионот испратил сигнал за итни случаи
Според податоците на сервисот „Flightradar24“ авионот за време на летот го емитувал кодот „Squawk 7700“, кој пилотите го користат за означување вонредна ситуација и барање итна помош од контролата на летање.

Во моментот кога беа објавени првите информации, околу 9:40 часот, авионот сè уште немаше слетано, а неговото пристигнување во воената база Евре се очекуваше околу 10 часот.
Засега нема потврда дека во авионот навистина се наоѓа експлозивна направа.
Серија дојави за бомби на европски летови
Инцидентот се случи само два дена откако неколку комерцијални летови низ Европа беа погодени од дојави за поставени бомби. Според пишувањето на „Ле Паризиен“, во вторникот, 3 ноември, биле регистрирани десетина вакви закани, за кои подоцна се утврдило дека биле лажни.
Најмалку четири дојави се однесувале на летови на ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ меѓу кои и линиите Манчестер – Мурсија, Лисабон – Рим, Даблин – Рим и Даблин – Софија.

Поради одредени закани, авионите морале да ги променат своите рути или принудно да слетаат, за да можат безбедносните служби да ги извршат потребните проверки.
Засега не е познато дали постои поврзаност меѓу овие инциденти и најновата дојава за бомба на летот на авиокомпанијата „Аер Лингус“.












