Град Скопје ја прифати иницијативата на Левица: Младите брачни парови ќе бидат ослободени од надоместокот за уредување на градежното земјиште

Макфакс

05/11/2026

09:40

69

Големина на фонт

а а а

Град Скопје ја прифати иницијативата на Левица за ослободување на младите брачни парови од плаќање на дел од надоместокот за уредување на градежното земјиште при изградба на прва семејна куќа со цел олеснување на пристапот до сопствен дом и намалување на финансискиот товар.

Град Скопје ја прифати иницијативата на советничката група на Левица, за ослободување на младите брачни парови од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот, при изградба на нивната прва семејна куќа, известуваат од партијата Левица.

„Со оваа иницијатива, Левица предлага конкретна локална мерка за намалување на финансискиот товар врз младите брачни парови и олеснување на пристапот до сопствен дом, во услови кога високите трошоци за градежно земјиште, материјали, работна сила и административни давачки го прават решавањето на станбеното прашање сè потешко.

Предложеното ослободување се однесува на делот од надоместокот што претставува приход на Град Скопје, без да се задира во делот што законски му припаѓа на општината на чија територија се наоѓа градежната парцела.

Мерката е наменета за брачни парови кај кои двајцата сопружници немаат друга станбена недвижност соодветна за нивно домување и кои градат прва семејна куќа за сопствени потреби“, велат од партијата Левица.

„Создавањето семејство и обезбедувањето сопствен дом не смеат да бидат привилегија достапна само за оние со високи примања или наследен имот. Локалната самоуправа има обврска да креира политики кои ќе им помогнат на младите луѓе да создаваат семејство, да градат сопствен дом и својата иднина да ја гледаат во Скопје“, се наведува во образложението на иницијативата.

„Со прифаќањето на иницијативата се отвора можност за воспоставување конкретна локална мерка за поддршка на младите семејства, која ќе придонесе кон намалување на почетните трошоци за изградба на сопствен дом, поттикнување на младите да останат во Скопје и создавање подобри услови за формирање и проширување на семејствата.

Левица останува посветена на креирање политики што ги ставаат потребите на граѓаните во прв план и на застапување мерки кои нудат конкретна и директна поддршка за младите, наместо декларативни ветувања“, се додава во соопштението на Левица.