Копретседателката на германската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, оцени дека убедливиот пораз на републиканците на изборите за Конгресот на САД е последица на војната во Иран и неисполнетите ветувања на американскиот претседател, Доналд Трамп.
Во интервју за германскиот портал „Т-онлајн“, Вајдел изјави дека вообичаено е партијата на власт да губи поддршка на меѓуизборите во САД, но дека годинашниот резултат е особено впечатлив.
„Размерите на поразот на републиканците се значајни и најдобро можат да се објаснат со сериозните последици од војната во Иран“, изјави Вајдел.
Таа потсети дека Трамп во претседателските кампањи во 2016, 2020 и 2024 година повеќепати ветувал дека нема да води интервенционистичка надворешна политика.
„Трамп им вети на своите гласачи дека нема да води интервенционистичка надворешна политика. Тоа прекршено ветување сега им се врати како бумеранг на републиканците“, порача Вајдел.
За изборниот пораз се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој делумно се согласи со оценката на потпретседателот Џеј Ди Венс дека војната во Иран придонела за губењето на републиканското мнозинство во Конгресот.
„Мислам дека тоа во голема мера е точно, бидејќи војната краткорочно малку ги зголеми цените на бензинот“, изјави Трамп.
Сепак, нагласи дека не жали за одлуката за започнување на војната.
„Кога повторно би требало да ја донесам таа одлука, би го направил истото, бидејќи тоа е единственото долгорочно решение. Не можете да дозволите Иран да има нуклеарно оружје“, рече Трамп.
Американскиот претседател ја отфрли и можноста за смена на министерот за одбрана Пит Хегсет, кој имаше клучна улога во американските воени операции против Иран.
„Мислам дека врши многу добра работа“, одговори Трамп на новинарско прашање дали размислува за негова смена.








