Сали во германскиот Бундестаг: Постепената интеграција треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните и пред членството во ЕУ

Макфакс

04/11/2026

22:27

254

Големина на фонт

а а а

Министерот Беким Сали оствари средба со пратеникот Петер Бајер во германскиот Бундестаг каде што се разговараше за европската перспектива на Северна Македонија и важноста на постепената интеграција во ЕУ која треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните пред полноправното членство.

Во рамки на работната посета на Берлин, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со пратеникот во германскиот Бундестаг, Петер Бајер, на која се разговараше за европската перспектива на Северна Македонија, најновите случувања во политиката на проширување на Европската Унија и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.

Во фокусот на разговорите била постепената интеграција во единствениот европски пазар, како механизам што овозможува конкретни придобивки за граѓаните и компаниите паралелно со спроведувањето на реформите и напредувањето кон полноправно членство.

Министерот Сали го истакнал значењето на новиот пристап на Европската комисија за подготовка на поширока Европска Унија, нагласувајќи ја потребата процесот на проширување да биде подинамичен, попредвидлив и заснован на заслуги.

„Европската интеграција не треба да започне дури на денот на пристапувањето. Нашите граѓани и компании треба да ги почувствуваат придобивките од приближувањето кон Европската Унија уште сега. Постепената интеграција е можност европската перспектива да ја претвориме во конкретни резултати, додека продолжуваме со реформите неопходни за полноправно членство“, истакна Сали.

„Како конкретен пример беше посочено вклучувањето на Северна Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што овозможи намалување на трошоците за прекугранични трансакции и проценети заштеди од над пет милиони евра. Се разговараше и за напредокот во преговорите за роаминг со ЕУ, подобрувањето на регионалната поврзаност и олеснувањето на протокот на стоки. Внимание беше посветено и на предизвиците со кои се соочуваат превозниците од Северна Македонија во контекст на правилата за престој во Шенген-зоната, како и на потребата од разгледување практични решенија што ќе го зачуваат функционирањето на синџирите на снабдување и економските врски со европскиот пазар“, соопштија од кабинетот на Сали.

На средбата се разговарало и за спроведувањето на Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на владеењето на правото, јавната администрација, дигиталната трансформација и економската конкурентност.

Министерот Сали ја потврдил посветеноста на Северна Македонија на реформите и на праведен, кредибилен и објективно заснован процес на пристапување, нагласувајќи го значењето на дијалогот со Германија и нејзината улога во регионалната соработка и процесот на проширување на ЕУ.