Општина Гази Баба започна бесплатен и сеопфатен офталмолошки скрининг за сите ученици во општинските основни училишта, со цел да се подобри здравјето и навремено да се откријат проблеми со видот кај децата.
Општина Гази Баба започна со реализација на проект за унапредување на здравјето на најмладите – бесплатен и сеопфатен офталмолошки скрининг за сите ученици во општинските основни училишта.
Со овој проект, Општина Гази Баба станува првата општина во Македонија која организира ваков вид бесплатен офталмолошки скрининг за сите ученици во своите основни училишта, соопштија од таму.
По повод започнувањето на проектот, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денес го посети ООУ „Крум Тошев“ во Трубарево, каде што започнаа првите активности за спроведување на офталмолошкиот скрининг.
Активностите во наредните денови ќе продолжат и во сите останати општински основни училишта на територијата на Гази Баба.
Изјава на градоначалникот
По посетата, градоначалникот Бобан Стефковски истакна:
„Здравјето на децата е наша најголема одговорност, а нивната благосостојба мора да биде приоритет на секоја локална самоуправа. Токму затоа започнуваме со реализација на овој значаен проект, преку кој на сите ученици во основните училишта во Гази Баба им овозможуваме бесплатен офталмолошки скрининг. Многу често проблемите со видот кај децата остануваат незабележани, а можат директно да влијаат врз нивното учење, концентрација и правилен развој. Со навремено откривање и превенција можеме да направиме многу за нивното здравје и иднина.
Особено сум горд што Гази Баба е првата општина во Македонија која го реализира овој проект на ваков начин. Упатувам искрена благодарност до Промедика и Систина Офталмологија за покажаната општествена одговорност и поддршката во реализацијата на проектот.
Продолжуваме да работиме посветено, со конкретни проекти и дела, затоа што нашите деца се нашата иднина, а нивното здравје е наш приоритет“, истакна Стефковски.
Цел на проектот
Целта на проектот е навремено откривање на евентуални проблеми со видот кај децата, овозможување рана превенција и упатување на понатамошни офталмолошки прегледи доколку за тоа се утврди потреба.












